10 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА МАЈКЛ ЏЕКСОН – ОД ТРИТЕ ДЕЦА, САМО ПАРИС ОСТАНА ПОВРЗАНА СО ШОУ-БИЗНИСОТ

Лос Анџелес, (АП / Мирор)

На 25 јуни 2009 година, светот ја обиколи шокантната вест дека починал Мајкл Џексон, „кралот на попот“ и една од најголемите музички ѕвезди на сите времиња. Џексон почина на 50 години од срцев удар, три недели пред почетокот на големата повратничка турнеја, која требаше да опфати 50 концерти.

„Пред 10 години, светот загуби талентиран уметник и исклучителен хуманитарец. Една деценија подоцна, Мајкл Џексон сè уште е со нас, преку неговото влијание врз танцот, музиката, модата и уметноста. Тој денес е поважен од кога било“, се вели во соопштението на компанијата која се грижи за наследството на Џексон.

Џексон почина три недели пред стартот на големата повратничка турнеја (Фото: АП)

 

И додека фановите се подготвуваат да го чествуваат Џексон на разни начини, неговите лик и дело во меѓувреме беа оцрнети од нови обвинувања за сексуално малтретирање деца, изнесени во документарец на Ејч-Би-О.

А, што се случуваше со трите деца на Џексон во последните 10 години?

  • Принс (22) е најстарото дете и имаше 12 години кога почина Џексон. Тој овој месец дипломираше бизнис на универзитетот Лојола Меримаунт во Лос Анџелес, откако претходно отвори продукциска компанија.
  • Парис (21) остана најповрзана со шоу-бизнисот од децата на Џексон, но и имаше најпроблематичен живот. Се испроба како актерка и модел, но и отворено зборуваше за свои зависности и ментални проблеми, што вклучи и неколку обиди за самоубиство.
  • Иако се појави на насловните страници уште како бебе кога татко му го држеше над хотелска тераса, Бленкет (17) се држеше подалеку од очите на јавноста во меѓувреме. Тој беше одгледан од баба му Кетрин (88) по смртта на Мајкл Џексон. Во 2015, Бленкет си го променил името во Биги.