АВТОРИТЕ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДОБИЈА ПОКАНА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО АМЕРИКАНСКАТА АКАДЕМИЈА ЗА ФИЛМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Авторите на „Медена земја“, режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, добија покана за членство во Американската академија за филмска уметност и наука. Ова следува неполни четири месеци откако „Медена земја“ се бореше за два оскара, за најдобар странски и за најдобар документарен филм, со што испиша историја, иако остана со празни раце.

Вкупно 819 луѓе од светот на филмот добиле покана оваа година да ѝ се придружат на Академијата. Ако прифатат, Котевска, Стефанов и Георгиев ќе имаат право да гласаат за следните оскари, чие одржување е поместено во април 2021.

Од Академијата кажаа дека 49% од поканетите доаѓаат надвор од САД и претставуваат 68 држави. Исто така, 45% се жени, а 36% се припадници на разни етнички заедници.

Меѓу познатите актерски имиња кои добија покана за членство се Синтија Ериво (две номинации за оскар оваа година), Ева Лонгорија, Зендаја, Флоренс Пју, Ана де Армас, Џон Дејвид Вашингтон, како и дел од екипата на „Паразит“.