ДРЕВНИОТ ВИСЕЧКИ МОСТ НА ИНКИТЕ ПОВТОРНО ИСТКАЕН ОТКАКО ПАДНА ВО ПАНДЕМИЈАТА

Лима, (Ројтерс)

Перуанците од заедницата Хуинчири во регионот Куско обновија повеќе од 500 години стар висечки мост, користејќи традиционални техники на ткаење за да го направат преминот што се надвиснува над реката Апуримак.

Повеќе од пет века, мостот Кесвачака поврзува заедници разделени од реката. Сепак, за време на пандемијата, тој се најде во лоша состојба и се распадна во март. Мостот долг 30 метри се обновува со техники на ткаење што ги користеле Инките во минатото.

Екипи од работници почнаа од двете страни на клисурата и балансирајќи на огромните главни јажиња кои се протегаат над реката, работеа кон центарот на мостот. Во процесот не се користат никакви модерни материјали, алатки или машини, туку само трева и човечка сила.

Лани поради пандемијата мостот не беше зајакнат и затоа падна во почетокот на оваа година. Сега можеме да му кажеме на светот дека малку по малку излегуваме од ова“, изјави гувернерот на Куско, Жан Пол Бенавенте.

Во 2013 година, УНЕСКО ги вклучи вештините и традициите поврзани со реконструкцијата на мостот Кесвачака на својата листа на нематеријално светско културно наследство.