ИЛОН МАСК ГО НАДМИНА БИЛ ГЕЈТС И СТАНА ВТОРИОТ НАЈБОГАТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ

Сан Франциско, (Гардијан)

Илон Маск продолжува со својот подем и го надмина Бил Гејтс, станувајќи вториот најбогат човек на светот. Ова следува само една недела откако го помина Марк Закерберг на третото место, благодарение на постојаниот раст на вредноста на акциите на „Тесла“.

Богатството на 49-годишниот Маск се зголеми за цели 100 милијарди долари од почетокот на годината и сега изнесува 127,9 милијарди. Во јануари, тој беше на 35. место на индексот на милијардери на „Блумберг“. Пред него сега е само основачот на „Амазон“ Џеф Безос.

Вредноста на акциите на „Тесла“ значително порасна откако таа се придружи на берзата на 500-те водечки американски компании. Автокомпанијата на Маск, кој поседува една петина од акциите, сега има пазарна вредност од речиси 500 милијарди долари. Тој ќе добие рекорден бонус од 55,8 милијарди долари доколку „Тесла“ стане компанија од 650 милијарди долари до 2028 година.

Бил Гејтс долго време беше најбогатиот човек на светот, пред да биде поминат од Безос во 2017. Неговото богатство од 127,7 милијарди долари ќе беше и поголемо, доколку низ годините не донираше големи суми пари за хуманитарни цели.