КИРК ДАГЛАС НАПОЛНИ 103 ГОДИНИ И ГО ЗАМОЛИ СИНОТ МАЈКЛ ВЕЌЕ ДА НЕ МУ ПРАВИ ЗАБАВИ

Њујорк, (Дејли мејл)

Семејството Даглас повторно се обедини денеска за да му искаже љубов и почит на својот најстар член, откако холивудската икона Кирк Даглас наполни 103 години.

„Среќен роденден тато! Ти си жива легенда и целото семејство ти ја праќа сета љубов од своите срца“, напиша неговиот син Мајкл на Инстаграм.

Даглас е роден како Исур Даниелович на 9 декември 1916 во Њујорк. Тој го променил името во Кирк Даглас пред да ѝ се придружи на морнарицата во Втората светска војна. По враќањето, почнал да глуми во радио и театар, пред да направи пробив во Холивуд. Тој прими почесен Оскар во 1996 година, со што Холивуд му оддаде признание за половина век кариера.

Мајкл Даглас неодамна откри дека татко му го молеше да не му прави роденденска забава.

„Кога полнеше 100 години, тоа беше голем јубилеј, па му направивме голема забава и беше одлично. А, потоа дојдоа 101. и 102. роденден и пак прославивме. Ме молеше овојпат да не го правиме тоа. Само вечера, семејна вечера, да ги доведеме децата“, кажа Мајкл Даглас.

Кирк Даглас веќе 65 години е во брак со втората сопруга Ен Бајденс.