КРАТОК ФИЛМ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ ИМА ПРЕМИЕРА НА САНДЕНС ЕДНА ГОДИНА ПО ТРИУМФОТ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

По ланскиот успех на „Медена земја“, Македонија годинава повторно е дел од Санденс, најголемиот американски фестивал на независен филм, овојпат со краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски.

Филмот премиерно се прикажува денеска, а ќе има уште три проекции, на 25, 28 и 30 јануари. Филмот е селектиран меѓу над 5.000 пријавени за оваа програма, во која влегоа 74 наслови од 27 земји.

Документарецот „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов лани освои три награди и потоа стигна до две номинации за Оскар.

„Во снимањето филмови најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, како и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка“, вели Унковски во видеото објавено на интернет страницата на Санденс.

Во продукција на „Синема футура“, филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.