КУЧИЊАТА МОЖАТ ДА НАМИРИСААТ БОЛЕСТИ, СЕГА СЕ ОБУЧУВААТ И ЗА КОРОНАВИРУСОТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Како што низ светот се зголемува бројката заразени со коронавирусот, така се работи и на тоа да се унапреди и забрза тестирањето. 

Британска хуманитарна организација се здружи со научници за да се испита дали кучињата со своето извонредно чувство за мирис можат да помогнат во детектирањето на коронавирус.

Претходни истражувања имаат заклучено дека кучињата можат да намирисаат маларија, па групата „Medical Detection Dogs“ почна да работи со тим медицински експерти за да се утврди дали ова е можно и за КОВИД-19. Оваа организација има тренирано кучиња за болести како рак, Паркинсонова болест и бактериски инфекции преку мирисање на примероци земени од пациенти.

Целта е кучињата да можат да направат скрининг на секого, дури и на оние кои не покажуваат симптоми, за да ни кажат кој треба да биде тестиран“, вели Клер Гест, извршната директорка на организацијата.

Оттаму веруваат дека секоја болест има свој посебен мирис и тоа го имаат поткрепено со документи од своите претходни истражувања.

Medical Detection Dogs“, Универзитетот Дурем и Лондонското училиште за хигиена и тропски болести ги почнаа подготовките за интензивно тренирање кучиња, кои во рок од шест недели би можеле да помогнат во брзо, неинвазивно дијагностицирање на коронавирусот. Тие ќе се тренираат со веќе проверен метод – преку мирисање примероци во тренинг-собата на организацијата. Кога ќе бидат спремни, кучињата би можеле веднаш да детектираат заразени патници кои влегуваат во Велика Британија или би биле распоредени на јавни простори.