МЕРИ КУНОВСКА ПРАВИ УМЕТНИЧКИ ДЕЛА ОД ФРАНЦУСКИОТ ПОРЦЕЛАН

Битола, (СМАРТ.СДК.МК)

И порцеланот добива душа кога е во вештите раце на битолчанката со уметничка душа Мери Куновска. Оваа ракотворка ги спои љубовта кон уметноста и инспирацијата од нашата земја со убавината на францускиот порцелан, преточувајќи ги во вистински ремек-дела. Веќе 35 години живее во Париз, а за своите ракотворби го користи најпозниот француски порцелан од градот Лимож. Него рaчно го украсува со бои, вткајувајќи и нитки од вистинско злато, го печe и преобразува во уникатни украси. Изработува оригинални сервиси за чај, кафе, ручек, кутии за накит, свeќници, огледала и слики кои во себе носат отменост и грациозност.

По професија е наставник по музика, но вели дека во Франција добила одлични услови за да се стекне со знаење за изработките од порцелан и да го унапредува.

Куновска изработулва оригинални сервиси за чај, кафе, ручек, кутии за накит, свeќници, огледала и слики кои во себе носат отменост и грациозност (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Зародишот на моите ракотворби е пред 35 години кога се отселив од Битола во преградие во Париз. Таму почнав да членувам во клуб на жени кои имаа афинитети за ракотворби. Се запознав со една Португалка која донесе мали порцелански кутивчиња за накит. Изработките ме инспирираа и одлучив и јас да се испробам. Во општината каде живеам до самата општинска зграда има друг објект кој ни го обезбедува локалната самоуправа каде ние ракотворците можеме да ги развиваме нашите таленти. Плус тоа имаме и професор за секоја уметност и има голем интерес“, вели Куновска.

Порцеланот го набавува бел и со глазура, па со четкички ги нанесува боите кои се во прав и се мешаат со масна течност. Потоа производот се пече на 1.200 степени, а некогаш се потребни и десетина печења во специјална печка, многу трпение и време.

„Зародишот на моите ракотворби е пред 35 години кога се отселив од Битола во преградие во Париз“, вели Куновска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Од порцелан почна да изработува и икони со 12 до 18-каратно злато, како и уникатни слики за ѕид со различни мотиви. Куновска вели дека во срцето ја понела својата родна земја, па мотивите од цвеќиња, пеперутки, пејсажи исцртува на порцеланот.

Своите изработки често ги презентира на Фестивалот на музика и традиција „Локум фест“ во Битола. Изработките се скапи за да може секој да си ги дозволи, но вели дека нејзиниот штанд го посетуваат и семејства кои специјално ги носат нивните деца за да им покажат што е рачна изработка за разлика од фабричка со која денес сме преплавени.

Ж. ЗДРАВКОВСКА