МИГРАЦИЈАТА И УЧИЛИШНАТА МАТУРА ГО ПРЕПОЛОВИЈА БРОЈОТ НА СТУДЕНТИ ВО ДРЖАВАТА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

За разлика од лани, кога се запишуваа и средношколци само со положена училишна матура, годинава генерално на сите универзитети во државата бројот на студентите е помал, затоа што Министерството за образование бараше стриктно почитување на законот дека право на запишување имаат само средношколците кои положиле државна матура.

Универзитетите сметаат дека бројката на запишани студенти стагнира поради намалениот број матуранти, но и поради очигледната миграција која во странство однесе голем број семејства.

На денешниот прв академски час на универзитетите во државата присуствуваа помалку студенти за разлика од претходните години. Така беше и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што се запишале 1.400 студенти.

„Ако се дозволеше запишување и на средношколците со завршена училишна матура, Штипскиот универзитет ќе имаше 400-500 студенти повеќе отколку што сега се запишаа“, вели ректорот Блажо Боев.

Негови колеги сметаат дека, можеби, државата го имала предвид фактот дека на стопанството му е потребна млада и свежа работна рака, па бара строго почитување на Законот за високо образование.

На УГД во Штип годинава се запишаа и 130 студенти од странство кои досега го изучуваа македонскиот јазик. Годинава, по нивни стапки тргнаа уште толку странски студенти, најмногу од Турција, кои по годинашново запознавање со македонскиот јазик ќе почнат да студираат догодина. Најголем интерес странските студенти пројавиле за медицинските науки.

Т. ЈОВАНОВСКИ