НАЈПОПУЛАРНИТЕ 10 ЈУТЈУБЕРИ ЛАНИ ЗАРАБОТИЛЕ ВКУПНО 300 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Џими Доналдсон, попознат како Мистер Бист, ја презеде титулата на најпрофитабилен креатор на содржини на Јутјуб во 2021. Неговите внимателно подготвени акробации собраа повеќе од 10 милијарди прегледи, што му донесе заработка од 54 милиони долари.

Дваесет и тригодишниот Американец го симна од врвот десетгодишниот Рајан Каџи, кој беше најплатен јутјубер во изминатите две години.

Најплатените десет јутјубери севкупно заработиле 300 милиони долари во 2021, процени „Форбс“.

На второто место е Џејк Пол со 45 милиони долари, додека малиот Каџи падна на седмата позиција, откако лани со своите реценции на играчки заработил 27 милиони долари.

Новиот лидер Мистер Бист, кој досега беше втор, ги забавува своите фанови со акробации и шеги. Минатата година, тој пресоздаде елементи од хит-серијата „Игра на лигни“, играше криенка на стадион со 80.000 седишта и беше закопан под земја.