НАРОДОТ САКА КРВ, А ИГНОРИРА ШТО ЌЕ СТАНЕМЕ ГАСНА КОМОРА ЗА БРЗО ВРЕМЕ, ВЕЛИ БЛАГОЈ ВЕСЕЛИНОВ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „БЕСАЧИ“ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Благој Веселинов игра еден од тројцата бесачи во новата претстава на Македонскиот народен театар (МНТ), насловена „Бесачи“, според текстот на Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев од Бугарија. Грдев e реномиран театарски и филмски автор кој досега поставил над 35 претстави низ Европа. Британско-ирскиот автор Мекдона е познат по црни комедии, но и како сценарист и режисер на филмовите „Во Бриж“, „Седум психопати“ и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“. Премиерата е закажана за 24 септември.

Веселинов се здоби со домашна и меѓународна популарност во наградуваното режисерско деби на Ѓорче Ставрески, „Исцелител“, а во претставата игра заедно со Никола Ристановски и Јордан Симонов.

„Задоволен сум од работата со Јавор, ми дава убаво чувство што ги нема тие секојдневни политики од кои многу тешко се ослободуваме во овој век“, вели Веселинов. – Со режисерот Грдев (Фото: К. Попов)

Дејството се случува во 1960-ите во Англија. Смртната казна во Англија во тоа време се извршувала со бесење и во принцип, бесачите првично биле затвореници, а занаетот се пренесувал од колено на колено.

„Бесачите се слуги на круната. Дејството се одвива после серија бесења за кои немало доволно докази. Во нашава драма тоа е Хенеси. На почетокот ние бесиме човек кој физички не можел да биде на местото на злосторот, затоа што претходната вечер бил 300 километри подалеку, меѓутоа судот го осудил. Се работи за тоа дека доколку не те обесат, а си невин, постои шанса да се докаже тоа и еден ден да ја поправиме грешката со тоа што ќе те пуштиме на слобода. Во исто време ја газиме темата дека на луѓето им треба крв, им треба забава од тој тип, а јамката е околу вратот на сите нас. Самиот сум исплашен од времето кое доаѓа, кога Скопје ќе се претвори во гасна комора. Тоа ќе се случи многу брзо, а ние го игнорираме тоа, исто како со случајот во нашава претстава. Таа е многу актуелна по многу аспекти. За жал, ние доцниме, како и во сѐ друго“, вели глумецот.

„Учеството на Берлинале ми е како ветер во грб, ми потврди дека тоа што го правам некој го видел и го вреднувал“, вели Веселинов (Фото: К. Попов)

Веселинов е исклучително среќен што запознал режисер како Грдев и вели дека би сакал да работи со такви режисери кои позади себе имаат богат материјал и големи историски познавања.

„Јавор е режисер кој ги одговори сите мои прашања. Никола е одличен партнер, кој не случајно е таму каде што е. Имав супер соработка со сите колеги. Драмата е многу тешка, текстот е многу тежок и мислам дека направивме нешто што досега не сме имале прилика да го видиме“, кажа Веселинов.

Тој во февруари на Берлинскиот филмски фестивал ја прими наградата Шутинг старс, која се доделува на европски таленти во подем.

„Берлин нема да го заборавам. Го посакувам на секој колега, особено од овие мали простори, од каде што тешко се излегува надвор и да се дружиме со луѓе кои ја работат нашата работа и имаат посериозни услови. Берлин ми е како ветер во грб, ми потврди дека тоа што го правам некој го видел и вреднувал и сфатил дека не бадијала сум се вложил толку“.

„Драмата е многу тешка, текстот е многу тежок и мислам дека направивме нешто што досега не сме имале прилика да го видиме“ (Фото: К. Попов)

Тој глуми и во новиот филм на Вардан Тозија, а денеска во Љубљана има премиера на филмот „Секој против секого“, во режија на Андреј Кошак, што го снимал лани во октомври.

„По премиерата на ‘Бесачи’ малку ќе одморам. Пред четири недели ми се роди ќерка и сакам да уживам со неа. Поради долгите проби, не сум ја видел, а кога ќе ја видам, ќеф ми е и кога плаче, бидејќи сум дел од тоа“, се смее актерот.

Б. НЕСТОРОСКА