ОБНОВЕНИТЕ УРБАНИ ШУМИ ВО НОВ ЗЕЛАНД ПРИДОНЕСОА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ПОПУЛАЦИЈАТА ПТИЦИ

Велингтон, (Гардијан)

На врвот на ширењето на делта сојот на коронавирусот, во Велингтон по повеќе од 100 години беше забележана најмалата новозеландска птица наречена титипунаму како прави гнездо на само пет километри од зградата на парламентот. Тоа беше една од придобивките на создавањето на урбаното еколошко засолниште Зиландија, кое од отворањето во 1999 придонесува да се зголеми птичјата популација во градот.

Во 1990-ите беше голема работа да се видат некои птици во Велингтон. Зиландија направи толку голема промена во животот на птиците, што некои од нив станаа вообичаени да се видат. Но, најголемата успешна приказна на Велинготн е папагалот кака“, вели Адам Елис, пасиониран набљудувач на птици.

Жителите на Велингтон се особено горди на враќањето на папагалот кака

Ново зоолошко истражување покажа дека обновувањето на домородните шуми во градовите навистина ги враќа птиците, дури и оние кои биле отсутни со генерации, а колку што дрвјата се постари, толку повеќе видови привлекуваат.

Главната авторка на студијата Елизабет Елиот Ное проучувала 25 обновени урбани шуми низ Нов Зеланд.

Откривме дека помладите шуми привлекуваат мали и сештојадни птици, а постарите шуми привлекуваат видови кои се хранат со нектар и овошје. Враќањето на птиците исто така креира емоционална врска помеѓу луѓето и други видови“, вели Елиот Ное.

Во Зиландија работат околу 500 волонтери и многумина посетители ја споредуваат со јурски парк. Оваа зелена површина од 225 хектари се наоѓа само десет минути од центарот на градот и е дом на 40-ина птичји видови. Паркот е окружен со деветкилометарска ограда како заштита од предатори.