„ОДМАЗДНИЦИ: ЗАВРШНИЦА“ ГО НАДМИНА „АВАТАР“ И СТАНА НАЈГОЛЕМ ФИЛМ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лос Анџелес, (АП)

„Одмаздници: завршница“ овој викенд го надмина „Аватар“ и стана филм со најголема заработка во историјата.

Четвртиот дел на „Одмаздници“ стигна до заработката од 2,79 милијарди долари на светско ниво и тоа за период од само 13 недели. „Аватар“ го држеше рекордот цела деценија со 2,78 милијарди долари. На третото место е „Титаник“ со 2,2 милијарди.

„Ова е заслуга на фановите, кои го издигнаа филмот до историски височини“, кажа шефот на „Дизни“, Алан Хорн.

„Завршница“ влезе во викендот со заостаток од само половина милион долари и претседателот на „Марвел“, Кевин Фиџ, на фестивалот „Комик-Кон“ во Сан Диего најави дека смената на врвот е само прашање на ден.

Филмот имаше премиера во април и уште во првиот викенд заработи 1,22 милијарди долари на светско ниво.

Од друга страна, „Завршница“ и натаму не е број еден во Северна Америка, бидејќи „Војна на ѕвездите: силата се буди“ има заработено 80 милиони долари повеќе.