ПЛАЖИТЕ НИЗ ЕВРОПА СЕ ОТВОРААТ, НО НЕКАДЕ НЕ СЕ ДОЗВОЛЕНИ ПЛИВАЊЕ И СОНЧАЊЕ

Париз, (Лонли планет)

По неколку месеци седење дома поради коронавирусот, државите почнаа да попуштаат со рестриктивните мерки, дозволувајќи им на луѓето да ги користат плажите. Воведени се нови протоколи и првенствено треба да се почитува социјалното дистанцирање.

Грција викендов отвори повеќе од 500 плажи и објави дека ќе ја почне туристичката сезона на 15 јуни. Според владините мерки, меѓу чадорите треба да има растојание од најмалку четири метри, а на илјада квадратни метри не смее да има повеќе од 40 луѓе.

Барселона ги отвори плажите само за прошетка и вежбање, но многумина не го почитуваат тоа (Фото: АФП)

Во Франција важат некои други правила. Плажите на северот на земјата и долж Средоземното Море се отворени само за луѓето кои живеат во таканаречените зелени зони, каде што има малку случаи на зараза. Дозволени се пливање, сурфање и риболов, но не и сончање и долго задржување на плажите.

Повеќето плажи во Италија засега се затворени и регионалните и локалните власти ќе решат до кога ќе биде така. Новите правила налагаат чадорите да бидат оддалечени 4,5 метри, а тушевите и баровите редовно да се дезинфицираат.

Барселона вчера повторно ги отвори плажите и парковите. Иако властите дозволуваат плажите да се користат само за прошетка и вежбање, голем број луѓе не го почитуваа тоа, па полицијата мораше да ги станува од песокот.

„Да уживаме во плажите одговорно! Запомнете дека пливање, сончање и групно спортување не се дозволени“, предупреди полицијата на Твитер.