СКОПСКО ЛЕТО ПОЧНУВА СО КОНЦЕРТ НА ИЗРАЕЛСКИТЕ ЅВЕЗДИ ДГАНИТ И ЗЕР АВИВ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Израелските ѕвезди, пејачката Дадо Дганит и флејтистката Хефциба Зер Авив со голем бенд в четврток (20,30 часот) во Македонската филхармонија ќе настапат на свеченото отворање на 39. издание на Скопско лето.

Дганит е пејачка и член на Националниот театар „Хабима“, која настапува на повеќе јазици: хебрејски, француски, шпански, англиски, арапски, како и ладино, покривајќи повеќе музички стилови, од религиски химни до антички ладино песни, како и нејзини композиции.

„Дадо ја кани македонската публика на патување со посебно духовно откривање, зачувување на старите ладино и народни мелодии, преработувајќи ги за нашето време. Дадо ја модернизира класичната еврејска култура, ја збогатува со ориентални ритми, класичната ориентација и клезмер звуците, настапувајќи со арапски и еврејски музичари кои свират модерни аранжмани на древни медитерански песни“, рече денес директорот на Дирекцијата за кулура и уметност, Никола Глигоров.

Зер Аавив е меѓународно позната флејтиска, која свири на повеќе од 20 видови на флејта и настапува на светски сцени.

Како дел од Скопско лето, утре во 20, 30 часот во НЛБ Галеријата, ќе се отвори изложбата на Владимир Темков, насловена „Потрага по смислата на ликовноста во соочувањето со убавината на природата“.

За време на Скопско лето, кое традиционално почнува на првиот ден на летото и на Светскиот ден на музиката, и трае до 31 јули, ќе има над педесет настани како: театарски претстави, концерти, изложби и програми за деца.

Б. НЕСТОРОСКА