СО ТРИДИМЕНЗИОНАЛЕН АВТОАКТ ВО КВАДАР, САРА ПЕТРОВ Е ПРВИОТ ДИПЛОМЕЦ НА ЛИКОВНАТА АКАДЕМИЈА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Штипјанката Сара Петров е првиот дипломец на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев “ во Штип. Таа дипломираше класично сликарство во класата на руските уметници, професорите Викторија и Игор Егорови, кои пред пет години кога се формираше Академијата, се преселија во Македонија од Москва.

Непосреден ментор ѝ беше уметницата Јана Јакимовска, која на Сара ѝ била прва професорка и која за неа при дипломирањето рекла дека е штета што нема повисока оценка од 10.

За Сара Петров предизвик било на платна да стави автоакт во квадар, кој ќе ротира и каде било да биде изложен, ќе биде достапен на публиката со сите негови страни (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Скромната Сара ни рече дека првин имала желба да студира сликарство во Скопје, но од финансиски причини не можела да го направи тоа.

„Обожавам да има малку адреналин во она што го работам, па затоа не сакав моите слики да бидат на штафелај или само закачени на ѕид, туку да формираат некаков објект. Сакајќи да создадам нешто ново и уникатно, решив тоа да биде еден мој автоакт. Но, не обичен, туку во форма на тридимензионален објект. Врз основа на мои фотографии, на платно се пренесов себеси и тоа на квадар, кој може да ротира, па гледачите во статична позиција можат да го набљудуваат делото“, вели Петров.

Конструкцијата на квадарот во која се сместени автоактите е со димензии 124,5 со 84,5 сантиметри. Таа е од масивен материјал од метал и дрво и во целина, конструкцијата делува како сликите да имаат своја рамка и се прицврстени со механички дел, кој овозможува непрекината спора ротација во просторот.

Т. ЈОВАНОВСКИ