УТРЕХТ СИТЕ ПОКРИВИ ВО ГРАДОТ ЌЕ ГИ ПОКРИЕ СО ЗЕЛЕНИЛО И СОЛАРНИ ПАНЕЛИ

Утрехт, (Гардијан)

Секој покрив во градското подрачје на Утрехт ќе биде озеленет со растенија и мов или ќе биде покриен со соларни панели.

Политиката „ниеден покрив нема да остане неискористен“ е дел од обидите да се засили биодиверзитетот во градот и да се креира посреќна и помалку стресна околина за живеење. Водечки пример за ова треба да биде 90 метри висока кула со вертикална шума, чија фасада ќе биде украсена со 10.000 дрвја и растенија.

Утрехт во 2022 ќе добие и вертикална шума, кула со 10.000 растенија

Сместена во близина на железничката станица, во зградата, која треба да биде довршена во 2022 година, ќе се вклопат 360 дрвја и над 9.600 грмушки и цвеќиња, што е рамно на еден хектар шума. Се проценува дека таа ќе апсорбира 5,4 тони јаглероден диоксид годишно и ќе произведува 41 тон кислород.

Планот треба да биде усвоен од градскиот совет во септември и општината ќе покрие 50% од трошоците за озеленување на покривите.

„Во градското подрачје секој покрив ќе биде покриен или со зеленило или со соларни панели. Кога ќе се погледне од високо, на пониските покриви ќе биде зеленило, а на повисоките главно панели. Зеленилото ќе придонесе за ладење на панелите. Ќе има јасно правило: ниеден покрив не смее да биде неискористен“, вели градскиот советник Кес Дипефен.

Утрехт лани беше прогласен за најодржлив град во Холандија.