Париса Иманирад, научник од Сан Франциско, е мажена и има широк круг пријатели, но еднаш или двапати неделно оди во ресторан сама.
Таа не е сама во нејзината желба да биде сама. Во изминатите две години, резервациите за еден човек во рестораните во САД пораснале за 29%, според сајтот за резервации „OpenTable“. Во Германија оваа година се зголемиле за 18%, а во Велика Британија за 14%.
Во Јапонија дури постои термин за соло јадење – ohotorisama. Едно последно истражување покажа дека 23% луѓе во Јапонија сами јадат надвор, додека во 2018 биле 18%.
„Дури и таканаречените семејни ресторани почнаа да го зголемуваат бројот на места за самци и да го прилагодуваат менито“, изјави Масахиро Инагаки, истражувач од јапонскиот институт „Hot Pepper Gourmet Eating Out“.
Извршната директорка на „OpenTable“, Деби Су, верува дека работата од далечина е една од причините за порастот зашто луѓето имаат потреба да излезат од своите домашни уреди, но има и други.
„Мислам дека постои едно пошироко движење на самољубов и самогрижа, уживање во своето сопствено друштво. По пандемијата, социјалните норми се променија. Луѓето веќе не ги гледаат оние кои јадат сами како осаменици“, вели таа.
Овој раст се должи и на тоа што сѐ повеќе луѓе живеат сами. Едно истражување од 2019 покажа дека 38% Американци на возраст од 25 до 54 години живееле без партнер, 10% повеќе во однос на 1990.
(Фото: АП)