Легендарниот фронтмен на „Токинг хедс“ Дејвид Бирн објави дека ќе се жени оваа недела. Пред помалку од три недели, 73-годишниот Бирн кажа дека се свршил со својата партнерка Мала Гаонкар.
Бирн кажа дека самиот ја составил листата песни што ќе се пуштаат на свадбата.
„Се женам оваа недела и направив речиси целосно инструментална плејлиста додека нашите гости јадат неверојатна и зачинета вечера. Мислам дека зборовите и стиховите би можеле да го одвлечат вниманието, па затоа се решив за инструментали кои ќе создадат радосна атмосфера“, напиша Бирн, споделувајќи линк до неговата плејлиста од 42 песни, насловена „Музика за вечера“.
Бирн и Гоанкар соработуваа на неколку театарски проекти од 2016 и во изминатите години беа видени заедно на неколку јавни настани. По свадбата, Бирн ќе тргне на северноамериканскиот дел од својата светска турнеја, која следува по излегувањето на неговиот нов албум.
Бирн беше во брак со костимографката Адел Луц од 1987 до 2004 и заедно имаат ќерка.
(Фото: Гети)