НЕ САКАМ ДА СЕ ПОМИРАМ СО МОЕТО СЕМЕЈСТВО, ВЕЛИ НАЈСТАРИОТ СИН НА ДЕЈВИД И ВИКТОРИЈА БЕКАМ

Лондон, (Би-Би-Си)

Бруклин Пелц Бекам изјави дека не сака да се помири со своето семејство, што се негови први јавни коментари во врска со извештаите за неговиот лош однос со родителите.

Во серија објави на Инстаграм, најстарото дете на Дејвид и Викторија Бекам ги обвини своите родители дека ги напаѓаат него и неговата сопруга во медиумите, велејќи дека се обидувале бесконечно да му ја уништат врската со Никола Пелц Бекам. По неколку месеци шпекулации за караница во познатото семејство, тој рече дека се обидел да ја задржи ситуацијата приватна, но дека немал друг избор освен да ја каже вистината.

Со години молчев и вложив максимални напори да ги задржам овие работи приватни“, напиша 26-годишникот во серија објави до своите 16 милиони следбеници.

„За жал, моите родители и нивниот тим продолжија да зборат за медиумите, оставајќи ме без друг избор освен да зборувам во свое име и да ја кажам вистината само за некои од лагите што беа објавени. Не сакам да се помирам со моето семејство. Не ме контролираат, се бранам себеси за првпат во мојот живот. Неодамна, со свои очи видов до каде одат за да пласираат безброј лаги во медиумите, главно на сметка на невини луѓе, за да ја зачуваат сопствената фасада. Но, верувам дека вистината секогаш излегува на виделина“, кажа Бруклин.

Дејвид Бекам досега не ги коментираше изјавите на својот син.

Бруклин ги обвини своите родители дека се обиделе да му ја попречат свадбата, тврдејќи дека неговата мајка, модна дизајнерка, „го откажала правењето на венчаницата на Никола во последен момент, принудувајќи ја итно да најде нов фустан“.

Тој исто така тврди дека неговите родители постојано вршеле притисок и се обидувале да го поткупат да се од откаже од правата на неговото име.

„Не се согласив со тоа и оттогаш никогаш не се однесуваа кон мене на ист начин“, вели Бруклин.

Најстариот син го критикуваше своето семејство за јавната промоција, велејќи дека брендот Бекам им е секогаш на прво место.

Семејната љубов се одредува според тоа колку објавувате на социјалните медиуми. Моите родители ме контролираа поголемиот дел од мојот живот. Пораснав со огромна анксиозност. За првпат во мојот живот, откако се оддалечив од моето семејство, таа анксиозност исчезна“, вели Бруклин.

(Фото: Гети)