Леонардо ДиКаприо и Мартин Скорсезе се здружуваат во уште еден филмски проект, што ќе им биде седма заедничка соработка.
Скорсезе ќе го режира, а ДиКаприо ќе ја има главната улога во филмот „Killers of the Flower Moon“, што ќе се снима според истоимениот бестселер на Дејвид Гран. Сценариото го напиша Ерик Рот.
Сместен во Оклахома во 20-ите години од минатиот век, филмот раскажува за откривањето на нафтата на земјиштето на племето Осиџ, чии членови потоа ги убиваат еден по еден. Истрагата ја презема новоформираното ФБИ, кое открива голем заговор и едно од најмонструозните злосторства во поновата американска историја.
„Возбуден сум што повторно ќе работам со Рот и ДиКаприо, за да раскажеме една силно вознемирувачка приказна од американската историја“, изјави Скорсезе.
Последниот филм што тој и ДиКаприо го снимија заедно беше „Волкот од Вол стрит“ во 2013 година, а во најава е и „Рузвелт“ за поранешниот претседател Теодор Рузвелт.