Принцот Чарлс неочекувано се појави на сетот на новиот филм за Џејмс Бонд, кадешто се сретна со Даниел Крег и направи инспекција на автомобили и необични уреди што ќе ги користи тајниот агент 007.
Крег го прошета принцот од Велс по легендарното студио „Пајнвуд“ во близина на Лондон, каде што за потребите на новиот филм е направен е посебен сет во стилот на Куба. Како голем фан на „астон мартин“, принцот Чарлс имаше можност одблиску да види и две возила што ќе се појават во новиот филм, „ДБ5“ и „В8“.
„Тој беше многу заинтересиран да дознае како од нови автомобили правиме стари. Имаа долг разговор со Даниел. Двајцата се големи љубители на ‘астон мартин‘, па беа како две возрасни деца со играчки“, изјави продуцентката Барбара Броколи.
Продукцијата на 25. филм од серијалот, кој треба да излезе во април 2020, досега не течеше мазно, а последниот инцидент беше повредата на Крег на снимањето во Јамајка.