Божиќна елка беше поставена на главниот плоштад во Припјат за првпат од катастрофата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година.
Своевремено дом на повеќе од 47.000 луѓе, три километри оддалечениот Припјат и натаму нема услови за живот поради загаденоста со радијација.
Некогашни жители дојдоа во напуштениот град за да ја украсат елката и да направат семејни фотографии, како дел од кампања организирана од локалната туристичка организација.
„Ова е првпат од евакуацијата по нуклеарната катастрофа некои поранешни жители да се вратат во Припјат. Градот мора да продолжи да живее“, изјави Катерина Асламова од компанијата „Чернобил тур“.
Во изминатите години, строго контролирани туристички посети на Припјат станаа поредовни.
„Животот се враќа во Припјат. Секој ден градот е исполнет со туристи од цел свет“, додаде Асламова.