ХОЛАНДСКИ БОЛНИЧАР ПОМОГНАЛ ДА СЕ ИСПОЛНИ ПОСЛЕДНАТА ЖЕЛБА НА ПОВЕЌЕ ОД 14.000 ТЕШКО БОЛНИ ЛУЃЕ

Ротердам, (Дејли мејл)

Поранешен возач на амбулантно возило помогнал да се исполнат последните желби на повеќе од 14.000 луѓе, вклучувајќи возрасна двојка која уште еднаш сакала да види снег.

Шеесетгодишниот Холанѓанец Кес Фелдбур дошол на ваква идеја додека превезувал смртно болен пациент од една во друга болница, кога, при застој во сообраќајот, го прашал каде би сакал да оди. Тој му рекол дека за последен пат би сакал да го види пристаништето во Ротердам и Фелдбур дури му средил да оди на едрење.

Фелдбур организирал двајца фанови за последен пат да го гледаат својот омилен клуб Ајакс (Фото: Катерс)

Една година подоцна, Фелдбур ја основал фондацијата „Амбулантна желба“ и во меѓувреме има однесено смртно болни луѓе на венчавки, автосаеми, фудбалски натпревари, во музеи, галерии… Со помош на сопругата Инеке, Фелдбур го претворил тоа во редовна работа.

„Секој ден помагаме на шест тешко болни луѓе. Убаво е кога ќе ги видите среќни. За нас, тоа е едноставно да се направи, а за нив е нешто посебно. Имаме возено со километри, понекогаш и во странство и носевме луѓе на некои навистина неверојатни места. Една жена која беше во болница со месеци посака уште еднаш да си ја види куќата и кога ја однесовме, само стоеше таму еден час и ја гледаше. Два дена подоцна почина“, вели Фелдбур, кој 20 години работел како возач и болничар.

Фелдбур вели дека секој ден помагаат на шест тешко болни луѓе (Фото: Катерс)

Фондацијата се обидува да ги исполни сите желби, беа разлика колку се чудни. Тој организирал голем број посети на музеи, а двајца фудбалски фанови однесол на стадион за последен пат да го гледаат својот омилен Ајакс. Благодарение на него, смртно болен холандски тинејџер за првпат во живот видел планини, и тоа во Швајцарија.

Бидејќи смртно болни пациенти бараат 24-часовна нега, организацијата на Фелдбур се состои од 270 волонтери кои имаат медицински тренинг.

„Иако знаеме дека нема да им биде подобро, ние сакаме да им донесеме радост во нивните последни денови“, вели Фелдбур.