Поп-пејачката Тамара Тодевска активно се подготвува за концертот на 7 декември во „Т Арена“ во Скопје. Покрај музичките проби, дел од подготовките ѝ се и тренинзите во теретана, со кои ја одржува физичката кондиција.
На концертот насловен „25 години љубов“, Тамара ќе прослави 25 години музичка кариера. Ќе настапи со повеќе од 40 музичари и хор, под водство на диригентот Џијан Емин. Покрај најголемите хитови, публиката ќе ги слушне и песните од албумот „Кукла жива“, кој беше промовиран во септември.

„Многу сум возбудена. Последниве недели речиси целото мое секојдневие е посветено на подготовките за концертот. Заедно со Џијан и целиот тим работиме на секој детаљ, затоа што сакам на публиката да ѝ понудиме едно поинакво музичко и сценско искуство. Ќе пееме песни со кои сме растеле заедно, песни што нè потсетуваат на убави моменти, но и нови песни од ‘Кукла жива’, кои едвај чекам да ги пеам во живо“, вели Тамара Тодевска.
Албумот „Кукла жива“, кој го промовираше на 3 септември во Скопје, содржи десет песни и исто толку видеоспотови. Музиката и текстовите се на Тамара Тодевска и Коста Петров, а аранжманите и музичката продукција се на Џијан Емин. Во снимањето учествуваа повеќе од 60 музичари. Сите десет видеоспотови се во режија на Мартин Трајановски, снимени во „Такат студиос“.
Меѓу песните се „Кукла жива“, „Драма квин“, „Дива“ и „Брана“, посветена на мајката на Тамара и Тијана Дапчевиќ, Брана Тодевска. Во спотот за „Брана“ се појавуваат и мајката на пејачката и нејзината ќерка Хана. Албумот беше претставен и на винилно издание, а сите песни и видеоспотови се достапни на музичките платформи и на официјалниот јутјуб-канал на Тамара.
Билетите за концертот се продаваат преку Wayin.mk
М. ЏАРОВСКА