„БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ПАНАМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бизнисот на задоволството“, политичкиот трилер во режија на Гоце Цветановски, е прогласен за најдобар долгометражен филм на меѓународниот филмски фестивал Канал де Панама. Осмото издание на фестивалот се одржуваше од 13 до 16 август во главниот град Панама.

Ова е втора фестивалска победа за дебитантскиот игран филм на Цветановски. Тој имаше светска премиера на фестивалот „Во палатата“ во Софија во јуни, каде што исто така беше прогласен за најдобар филм, а македонската премиера се случи на затворањето на Синедејс на 18 јули.

„Бизнисот на задоволството“ е еден од првите македонски филмови кој се снимаше додека на сила беа строгите ковид мерки. Приказната следи новинарка која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа на трговија со жени.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото.