СКОПЈЕ ДРАМ ФЕСТИВАЛ Е МЕСТО КАДЕ ШТО ЕДУЦИРАМЕ, МОТИВИРАМЕ И СЕ ПОВРЗУВАМЕ, ВЕЛИ НЕГОВАТА ОРГАНИЗАТОРКА ТЕЈКА ВАСИЉЕВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во мноштвото музички фестивали во Македонија, Скопје драм фестивал (Skopje Drum Festival) е специфичен по тоа што на него се зборува само за еден инструмент. Четвртото издание на фестивалот посветен на тапаните и тапанарите ќе се одржи утре (31 октомври) во Младински културен центар во Скопје, а како учесници се најавени Радослав Шутевски-Шуте, Драган Теодосиев, Јан Стефановски, Павел Ренџов трио и полскиот музичар Војтек Дереговски.

Скопје драм фестивал е идеја и реализација на Тејка Васиљевиќ, една уникатна појава на македонската музичка сцена. Покрај тоа што и самата е тапанарка (во емо/скримо бендот YÖU), таа работи продукција и логистика на настани, вклучувајќи и големи метал фестивали во Европа, ги поместува границите и ги урива стереотипите свирејќи андерграунд жанрови и има настапувано во Европа, САД и Блиски Исток со разни талентирани уметници.

Васиљевиќ потенцира дека Скопје драм фестивал е наменет за едукација и за поддршка на тапанари.

„Идејата за овој фестивал произлезе од синхронизирани желби на неколкумина индивидуалци – тапанари кои беа решени да се обединат и креираат нешто значајно за заедницата. Мислам дека тапанарите се многу круцијална гранка во музиката и во нејзиното креирање. Фестивали од овој карактер активно се случуваат низ светот, а неформалната едукација е движечка сила за напредокот во изучувањето на овој инструмент. Често сме патувале во други земји за да слушнеме истакнати тапанари и да учиме од нив, па решивме да го имплементираме тоа тука, каде што живееме“, вели Васиљевиќ, која е самоука тапанарка.

Скопје драм фестивал е замислен и реализиран од Тејка Васиљевиќ

Со почеток во 17 часот, на програмата се перформанси, работилници, изложба и презентација.

„Скопје драм фестивал трае еден ден. Најчесто дневната програма вклучува работилници и презентации на брендови, а вечерната програма е исполнета со перформанси од локални и меѓународни тапанари. Овие перформанси некогаш се соло, а некогаш со бенд. Оваа година ќе имаме варијација од двете. Понекогаш тоа може да биде и клиника, односно предавање. Овие концепти се викаат драм клиника или мастер час. Секоја година се стремиме да имаме активности прилагодени на секоја возраст, бидејќи имаме посетители кои првпат се запознаваат со овој инструмент“, вели таа.

Покрај Скопје, фестивал од ваков тип во регионот има и во Србија, Косово, Бугарија, Хрватска, Атина…

„Фестивалите од овој тип носат многу трошоци. Пазарот кај нас е мал, а колку поквалитетна програма креираме, трошоците се зголемуваат и е навистина предизвик. Шансата за растење постои, но оди споро бидејќи, сепак, овој фестивал е специфичен и не секој се пронаоѓа во него. Исто така, ова е нешто ново кај нас и треба време да се соџвака и прифати. Ова е место каде што едуцираме, мотивираме, инспирираме и поврзуваме луѓе од оваа сфера“, заклучува Васиљевиќ.

Г. КОНЕВ