СО 220.000 СТАНОВИ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ, ВИЕНА Е ЛИДЕР ВО СОЦИЈАЛНОТО ДОМУВАЊЕ ВО ЕВРОПА, КИРИИТЕ СЕ ТРИПАТИ ПОНИСКИ ОД ДРУГИТЕ ГОЛЕМИ ГРАДОВИ

Виена, (Гардијан)

На само 26 години, Макс Шранц живее во светол стан на петти кат со висок плафон со поглед на главен град, на десет минути од централната железничка станица и во непосредна близина на кино, театар и барови. Тој плаќа 596 евра за двособниот стан од 54 квадратни метри, што е само дел од вообичаената кирија за станови со слични големина и локација во другите големи европски градови. Исто така, тој не морал да остави депозит и неговиот договор за изнајмување е неограничен.

Тоа е Виена, градот кој успеал да ја открие тајната на тоа како домувањето во внатрешноста на градот да биде достапно. Тоа е и една од причините што Виена и лани беше прогласена за најдобар град за живеење на светот. Кираџиите во Виена плаќаат во просек една третина од оние во Лондон, Париз или Даблин.

Најпознатиот пример на архитектурата „Црвена Виена“, социјални згради градени по Првата светска војна (Фото: Алами)

Станот на Шранц е толку достапен и затоа што е во сопственост на државата, што е нормално за Виена. Сопственик на околу 220.000 социјални станови за изнајмување, Виена е лидер во Европа на ова поле. Една четвртина од луѓето кои живеат во Виена се социјални станари.

Многу од овие станови биле изградени пред еден век, како дел од амбициозната градежна програма по завршувањето на Првата светска војна. Финансирана првенствено преку данокот на луксуз, во првата фаза на „Црвената Виена“, до 1934 година, биле добиени 65.000 социјални станови за изнајмување.

Поголемиот дел од општинските станбени блокови во Виена изградени по Втората светска војна изгледаат попознато, но и тие ја немаат стигмата на сиромаштија и криминал поврзана со слични проекти во САД или Европа.

Еден од клучните концепти за разбирање на виенскиот пристап кон домувањето е социјалната одржливост. Со цел да се избегне создавање гета, градот активно се стреми кон мешање на луѓето од различно потекло и со различни приходи во исти згради. Социјалните станови не се само за сиромашните“, вели архитектонскиот критичар Маик Новотни.

За социјални станови можат да аплицираат само оние кои две години постојано престојуваат во Виена, при што самците треба да имаат максимален годишен приход од 57.600 евра, а двојките 85.830 евра, додека оние кои изнајмуваат приватни станови се соочуваат со проблеми кои ги има и во другите европски градови.

Виена планира да изгради уште 5.500 нови социјални станови до 2025 година, за што беа одобрени 557 милиони евра. Најновиот ваков комплекс се наоѓа само седум километри источно од центарот на Виена.