ЈАДЕТЕ КАВИЈАР И ПИЈТЕ КОКТЕЛИ ДОДЕКА ВИ ПРАВАТ ФРИЗУРА ВО СИДНЕЈ

Сиднеј, (Дејли мејл)

За одење на фризер понекогаш треба добро да се испланира денот, па салонот од Сиднеј „Кристофер Хана“ одлучи да им понуди нешто многу повеќе на своите муштерии.

Концептот да се испие една пијачка додека ви ја прават фризурата, можеби, не е нов, но Сем Бадави, еден од сопствениците на салонот, во понудата вклучи и кавијар, ракчиња и коктели.

Кој може да си дозволи, добива и целосен пристап до барот

„Оваа идеја и порано ја имаше, но јас помислив дека би можеле малку да ја разработиме и сето тоа да го направиме полуксузно“, вели Бадави.

Иако салонот работи од 2006 година, новите понуди неодамна беа лансирани.

„Сакавме да се издвоиме од другите и на муштериите да им понудиме целосно искуство. Најексклузивниот пакет вклучува правење фризура и целосен пристап до винската листа, коктелите, шампањското и ордеверот“, додаде Бадави.

Самите фризури чинат до 140 долари, но тоа може да се зачини со шише шампањско од 100 долари и со шише виски од 5.000 долари. На ова можат да се додадат еспресо мартини и кавијар, што дополнително чини меѓу 145 и 250 долари. За оние со најдлабок џеб, тука е и селекција на австралиски, новозеландски и француски вина.

„За ова размислувавме десетина година, а идејата почнавме да ја остваруваме пред три години. За да го изградиме салонот ни требаа шест месеци, но сега и по изгледот е поразличен од другите“, кажа Бадави.