ПИШУВАЊЕТО Е ПОТРАГА ПО ГРАНИЦИТЕ НА ЈАЗИКОТ И ТИШИНАТА, ВЕЛИ ПОЕТОТ НИКОЛА МАЏИРОВ ЗА НОВАТА КНИГА „ДОМ ВО ТИШИНА“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови“, вели поетот Никола Маџиров за својата првата есеистичка книга „Дом во тишина“, која беше промовирана на „Денови на литературата“ во книжарницата „Литература“.

Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ѝ припаѓа на едицијата македонски книжевни класици, на едно место ги собира сите есеи објавувани најчесто во превод, на други јазици, но не и на оригиналниот, на јазикот на којшто се напишани.

„Ова е и книга за отсуствата, а неговото привидно отсуство припаѓа на еден дом кој нема димензии. Да се зборува за сенката, всушност, прво се поставува прашањето што како деца сме си го поставувале: дали сонцето постои кога е ноќ? Потврдено е… Одредени стихови тоа го потврдуваат, бидејќи сè е кражба, па и месечината навечер краде од сонцето. Затоа сметам дека и сенката постои во темнината. Темнината понекогаш ни помага точно да знаеме каде стојат предметите во домот, бидејќи кога е светло, не ги забележуваме. Кога е темно, точно знаеме каде се, внимавајќи да не се удриме од нив.  Во поезијата ме привлекува поливалентноста или повеќето вистини. Овде (во есејот), ме привлекува сомневањето во потрагата по вистините, и затоа сметам дека ако не постои сомневање, тогаш самата литература е сомнителна. Пишувањето е потрага – да се најдат границите на јазикот и на тишината. Тишината не е отсуство на звук. Тоа го имам согледано слушајќи музика. Исто така, молкот не е неможност да се каже нешто без зборови. Есејот ме враќа на она отуѓување од веќе дефинираното, ме враќа да ја преиспитам секоја официјална вистина. Ова е и книга на благодарности, свесноста дека не почнало сè од нас и дека треба да бидеме благодарни на другите“, рече Маџиров.