Со месеци се збореше за големиот камбек на Деми Мур, но фаворитката од сенка Мајки Медисон на крајот ја однесе главната премија оваа сезона – Оскарот за најдобра женска улога за независната драма „Анора“.
Дваесет и петгодишната Медисон, за која „Анора“ го означи големиот пробив во Холивуд, кажа дека не знае што носи иднината и како овој триумф би можел да се одрази врз нејзината кариера.
„Многу размислував за иднината, но и за минатото. Но, се обидувам да останам цврсто во сегашноста додека ми се случува сето ова, така што навистина не знам што носи иднината. Сакам да продолжам да снимам филмови, да глумам интересни ликови и да работам со луѓе кои ме инспирираат. По прославата ќе отидам дома и ќе се играм со моите кученца и тоа ќе ме спушти на земја“, кажа американската актерка по триумфот на Оскарите.

Во „Анора“, Медисон игра сексуална работничка која добива нова шанса во животот откако ќе се омажи за син на моќен руски бизнисмен. Режисерот и сценарист Шон Бејкер во една прилика изјави дека улогата ја напишал специјално за Медисон, која во својот говор им оддаде признание на сексуалните работнички.
„Имав привилегија да запознам неверојатни жени од оваа заедница и ќе продолжам да ве поддржувам и да бидам ваш сојузник“, рече таа.

Медисон зад себе нема богата филмографија. Најпозната е по серијата „Подобри нешта“ (Better Things), беше дел од кланот на Чарлс Менсон во „Беше еднаш во Холивуд“ на Тарантино и потоа се појави во петтиот дел на хорор серијалот „Вресок“. Таа беше најмлада меѓу номинираните актерки, покрај Деми Мур, Фернанда Торес, Синтија Ериво и Карла Софија Гаскон.
(Фото: Гети)