ЈАСИ ХОФЕР Е РЕТКА МОЖНОСТ ДА СЕ СЛУША РОК ГИТАРИСТКА ВО ЖИВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската публика ретко има можност да гледа рок гитаристки во живо, па вечерашниот настап на младата Германка Јаси Хофер самиот по себе е посебен.

Во организација на „3Гонга“, Хофер ќе одржи соло концерт во Клуб ресторанот на Младински културен центар во Скопје (21 часот), во рамките на нејзината голема европска турнеја, на којашто го промовира вториот албум „Вера“, објавен пред две години.

Хофер почнала да свири електрична гитара на 12 години, за подоцна да ги објавува своите снимки на Јутјуб, кои не само што собраа милиони кликови, туку го привлекле интересот на гитарскиот виртуоз Стиви Ваи. Во 2007 година, двајцата заедно настапија на сцена во нејзиниот роден град Улм.

По завршувањето на студиите на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, Хофер во 2014 година го објави својот прв соло албум, наречен „Јаси“.

Како предгрупа на Хофер, ќе настапат „Спектрум“. Цена на билет за вечерашниот концерт е 800 денари.