Магазинот „Пипл“ ја прогласи актерката Деми Мур за најубавата личност на светот за 2025 година. Шеесет и двегодишната Мур лани имаше голем камбек во Холивуд со хоророт „Супстанција“, за кој освои Златен глобус и првпат во кариерата беше номинирана за Оскар.
„Убавина значи автентичност и позитивност. Тоа е чувство на пријатност во сопствената кожа“, кажа Мур за „Пипл“.
По низа години во кои чувствувала притисок да изгледа совршено, Мур вели дека денес има поздрав и поопуштен однос кон телото и животот.
„Вистинската убавина не зависи од изгледот или годините, туку од тоа да бидеме свои и со љубов да водиме грижа за себеси“, кажа Мур.
Таа ја наследи титулата од Софија Вергара, а меѓу претходните добитнички се Хелен Мирен, Џулија Робертс, Џенифер Анистон, Сандра Булок, Бијонсе, Џенифер Лопез и Анџелина Џоли.
(Фото: АФП)