МЕДЕЛИН – МИРЕН ГРАД ВО КОЈШТО ПАБЛО ЕСКОБАР ДЕНЕС Е САМО ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА

Меделин, (Си-Ен-Ен)

Своевремено нарекуван „најопасниот град на светот“, Меделин за 20-ина години успеа да си го исчисти имиџот што се поврзуваше главно со дрога, улично насилство и војна на банди.

„Градот на вечна пролет“, како што го нарекуваат Колумбијци поради пријатната клима, денес е туристички центар за оние кои сакаат добра храна, модерни барови и кафе од светска класа.

Самата локација на вториот по големина град во Колумбија, дом на три милиони жители, е спектакуларна, имајќи предвид дека е опкружен со планини и плантажи на кафе.

Сепак, невозможно е да се посети Меделин, а да се избегне името на Пабло Ескобар, кој останува најпознатиот извозен производ на градот, и 25 години по неговата смрт. Озлогласениот милијардер, кој се збогати со производство и шверц на кокаин, имаше немерливо влијание врз градот и тоа денес го користат и локалните туристички агенции, кои организираат „Ескобар тури“, од кои најпопуларната чини 55 долари. Овие тури наидуваат на неодобрување од локалните жители, кои не сакаат да ја истакнуваат насилната историја на градот.

Едно од обележјата на градот се електричните ескалатори на ридовите (Фото: Си-Ен-Ен)

Од друга страна, Пабло Алварес-Кореа работи како водич само за бакшиш и неговите тури се толку популарни, што однапред треба да се резервираат преку Интернет.

Меделин умешно искористи инфраструктура за да ги трансформира опасните маала во кои царуваше криминал во просперитетни, пријателски заедници. Најдобар пример за тоа се светски познатите електрични ескалатори, кои помогнаа да се подобри мобилноста на жителите по околните ридови.

Друг симбол на надеж и издржливост на градот е метрото изградено во 1995 година, во кое и по толку време не може да се види ниту еден графит.