„АРЕА“ ПО 26 ГОДИНИ СНИМИ НОВА ВЕРЗИЈА НА ХИТОТ „ОЧИ АНГЕЛСКИ“, ВО ДУЕТ СО ЈАНГ ДАДИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Групата „Ареа“ го преработи нивниот хит „Очи ангелски“, кој е снимен пред 26 години, овојпат во дует со младиот рапер и пејач Јанг Дади.

„‘Очи ангелски’ е песна која уште во 1999 беше пред своето време, песна која во секое време звучи безвременски. Денес, таа добива нов живот и нова димензија“, велат од „Авалон“, организаторот на концертот на „Ареа“ на 8 ноември во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

 

Продукцијата на песната е на „Такат студиос“, а режисерка на спотот е Александра Костадиновска. Директор на фотографија е Борис Ралев, а модел во спотот Мартина Марковска.

Јанг Дади во спотот (Фото: Јутјуб принтскрин)

По повод 25 години од албумот „Врати на имагинација“, рок бендот „Ареа“ ќе одржи концерт во Скопје на 8 ноември. Ова исто така се совпаѓа со 25-годишнината на големиот концерт на „Ареа“ на Скопски саем.

 

„Иако беше одамна, концертот во 2000 на Саем ми остави големи впечатоци во сеќавањата, кои и сега ми се свежи. Знам дека имаше многу публика, а ние не го очекувавме тоа. Некои останаа пред врата зашто салата не собираше веќе“, ни рече пејачката Ружица Милошеска-Брчиоска, жалејќи по Саемот, кој беше срушен во 2018.