МАКЕДОНСКО ИЗДАНИЕ НА КНИГАТА „ПРИКАЗНИ ЗА ЉУБОВТА“ ОД ШПАНСКАТА ПИСАТЕЛКА ЕМИЛИЈА ПАРДО БАСАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Приказни за љубовта“, книгата на шпанската писателка Емилија Пардо Басан е преведена на македонски јазик во издание на „Каста дива едиторијал“. Преводот е на професорот по шпански јазик, Ненад Велковски.

„Книгата ни нуди четириесет и три извонредно раскажани приказни за љубовта, кои се исто толку актуелни и денес како во времето кога се напишани“, велат од „Каста дива“, единственото специјализирано училиште за шпански јазик во Македонија.

Во овие прикази на љубовта се чуствува политичката тензија на Шпанија од крајот на деветнаесеттиот век меѓу традиционализмот и либерализмот. Велковски ги опишува приказните како трагикомични и романтични.

„Трагикомични и романтични, сатирично-бурлескни и намерно скромни, еднаш полни со лукавство и злоба, а другпат исполнети со надеж и невиност, тие ја прикажуваат моралната декаденција на една рурална аристократија изолирана од реалноста. Бидејќи сите сакаме и треба да знаеме како да сакаме, овие раскази, кои не се ништо друго освен описи на различни типови љубов или недостиг на љубов, се вистински подарок за секого“, вели професорот Велковски.