САЈТОТ НА БРИТАНСКИ МОДЕН БРЕНД ПАДНА ОТКАКО МЕГАН МАРКЛ СЕ ПОЈАВИ ВО НЕГОВ ФУСТАН

Лондон, (Скај)

Војводата и војвотката од Сасекс се појавија на првиот кралски настан откако се венчаа во неделата, присуствувајќи на забавата во градината на Бакингамската палата, на којашто беше одбележан 70. роденден на принцот Чарлс.

Оваа забава се одржа шест месеци пред вистинскиот роденден на принцот Чарлс во ноември и на неа се појавија и 6.000 претставници на хуманитарните организации што ги поддржуваат тој и неговата сопруга, војвотката од Корнвол.

Меган Маркл носеше фустан од британската модна куќа „Гоут“ и покажа колкава модна икона е во моментов. Објавувањето на оваа информација доведе до пад на интернет-страницата на брендот, кој потоа не беше во функција 40-ина минути.

Компанијата потврди дека фустанот бил изработен за Маркл специјално за оваа пригода.

„Сајтот на компанијата падна набргу откако беше забележано дека војвотката од Сасекс носи наш производ“, објави портпаролот на компанијата.

Фустанот сега може да се купи преку сајтот за 590 фунти.

„Кој и да го купи, нека го чува за посебна прилика“, препорачува брендот.