Кога американскиот бизнисмен Ричард Ма потроши 9.500 долари за фустан за својата сопруга, тој беше свесен дека таа никогаш нема да може да го облече. Тој, всушност, не ни постои, барем не во физичка форма.
Станува збор за дигитален фустан, дизајниран од модната куќа „Фабрикант“ и рендериран на фотографија на сопругата на Ма, што таа може да го носи само на социјални медиуми.
„Дефинитивно беше скап, но тоа исто така е инвестиција. За десет години сите ќе носат дигитална облека“, изјави Ма.
Друга модна куќа која дизајнира за дигиталниот простор е „Карлингс“ од Шведска. Таа минатиот месец претстави колекција на дигитална урбана облека, почнувајќи со цени од 11 долари. И ја „распродаде“ во рок од еден месец.
„Глупаво е да се каже дека сме распродадени бидејќи кога работиш со дигитална облека, можеш да креираш колку сакаш. Но, за да биде посебна, поставивме ограничувања на количеството производи. Нема смисла да се купува дигитална бела маица, тоа треба да биде нешто што не би се осмелиле да го носиме навистина или нешто што не можеме да си го дозволиме“, вели директорот на „Карлингс“, Рони Микалсен.
Таа планира нова колекција до крајот на годината.
„Фабрикант“ објавува бесплатни парчиња дигитална облека секој месец на својот сајт, но корисниците треба да имаат вештини и софтвер за да ги спојат со свои фотографии.