СЕРЕНА ВИЛИЈАМС БЛЕСКАШЕ ВО ФУСТАН ОД 3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА СВАДБАТА СО ОСНОВАЧОТ НА РЕДИТ – ФОТОГАЛЕРИЈА

Њујорк, (Дејли мејл)

Тениската суперѕвезда Серена Вилијамс сите ги остави без збор, откако јавноста ѝ го виде венчалниот фустан, што го носеше на свадбената церемонија во Њу Орлеанс.

Таа се омажи за американскиот бизнисмен Алексис Оханјан, два и пол месеци по раѓањето на ќеркичката Алексис Олимпија Џуниор и во прв момент ја сокри свадбата од очите на јавноста, дури забранувајќи им на гостите да носат мобилни телефони. Ексклузивните детали ги откри магазинот „Вог“.

Серена со старосватиците и со ќеркичката Алексис Олимпија Џуниор (Фото: Вог)

Венчаницата е дело на Сара Бартон, главната дизајнерка на брендот „Александер Мекквин“ и Серена призна дека се вљубила во неа на прв поглед. Фустанот го искомбинира со 3,5 милиони долари вреден дијамантски накит.

„Отидов во Лондон да се сретнам со Сара и таму се вљубив во тој бел балски фустан, што е сосема спротивен од она што мислев дека некогаш ќе носам на свадба. Ми се допадна идејата да носам вистински спектакуларен балски фустан и тој излезе неверојатно специјално парче“, кажа Серена во разговорот за „Вог“.

Околу 250 гости присуствувале на свадбата во Центарот за современа уметност, а меѓу нив и музичките ѕвезди Бијонсе, Џеј Зи, Кели Роуленд и Сијара, потоа Ким Кардашијан, Ева Лонгорија, уредничката на „Вог“, Ана Винтур, но и ривалки од тениските терени, како Каролина Вознијацки.

Меѓу гостите беа и Ким Кардашијан и пејачките Кели Роуленд и Бијонсе (Фото: Вог)

„Алексис инсистираше да ја правиме свадбата во Њу Орлеанс, затоа што тоа е неговиот најомилен град, покрај Бруклин. Њу Орлеанс е под големо европско влијание, забавен е и има одлична храна. Местото го избравме заеднички. Уметноста е мојата голема страст и ми изгледаше природно и различно да се венчаме во музеј. Сакав да биде што е можно понетрадиционално. Затоа и ги седнавме гостите на софи, место на столови“, вели Вилијамс.

(Фото: Вог)

Секој од гостите доби по една уникатна златна реплика од трофеите на Серена, а масите беа именувани според нејзините гренд слем победи.

Таа откри дека го избрале 16 ноември за датум на свадбата, затоа што тогаш ќе беше роденденот на мајката на Оханјан, која починала пред девет години.

„На тој начин бевме поврзани со неа, како и таа да беше вклучена во свадбата“.

Њу Орлеанс го избрале затоа што му е најомилен град на Алексис Оханјан (Фото: Вог)