ВО РОМАНИЈА ЌЕ СЕ ГРАДИ ОГРОМЕН ТЕМАТСКИ ПАРК ПОСВЕТЕН НА ДРАКУЛА

Букурешт, (Дејли мејл)

Огромен тематски парк посветен на Дракула вреден една милијарда евра ќе се гради близу Букурешт. Според неодамна претставениот проект, што ќе биде приватно финансиран, паркот ќе се простира на 160 хектари и треба да стане најголемата дестинација за забава, малопродажба и технологија во Европа.

Ќе се гради и мултифункционална сала со 22.500 седишта

Проектот вклучува тематски парк со шест зони и преку 40 атракции со најсовремена технологија, мултифункционална сала со 22.500 седишта, три хотели со вкупно 1.200 соби, воден парк и термален спа центар. Централна атракција ќе биде замокот на Дракула со ролеркостер, лавиринт, интерактивна изложба и вештачко езеро.

Дел од концептот се и тркачка патека од 4,5 километри и деловен и технолошки центар со простор за повеќе од 1.000 работни станици за стартапи за гејминг, вештачка интелигенција и дигитална индустрија.

Паркот ќе се простира на 160 хектари

ДракулаЛенд ги спојува сите работи што сме ги научиле во недвижностите: дисциплина, строгост, визија и способност да се усогласат сложени тимови со многу различни специјализации. Но, што е поважно, додава приказна што му дава значење на секој изграден квадратен метар“, рече Драгош Добреску, основачот на ДракулаЛенд.

Детали за изградбата и за отворањето засега не се објавени.