„АНТИГОНА НА ПСИХИЈАТАР“ КАКО ФЕМИНИСТИЧКИ СПИН НА СОФОКЛЕ Е НОВА ПОСТАВКА ВО „ЛА МАМА“

Њујорк, (Смарт.СДК.МК)

Легендарниот њујоршки театар „Ла МаМа“ во соработка со „Пекјулиар воркспроџект“ ја претставија светската премиера на „Антигона на психијатар“(Antigone in Analysis), феминистичка реинтерпретација на Софокле, во режија на Ралф Луис и текст на Барбара Баркли. Претставата игра во Даунстеарс театар на „Ла МаМа“, а премиерата беше на 23 март.

Во центарот на приказната е судирот меѓу Антигона и Јокаста, поставен во метафизички салон каде филозофи од различни епохи го препрочитуваат митот.Улогата на Јокаста ја толкува Бианка Ли, а новата ѕвезда Алесандра Лопез се појавува како Антигона. Хегел, Иригаре, Кјеркегор, Лакан и Батлер се појавуваат како дел од хорската структура, во интерпретација на актерска екипа која комбинира театар и филозофска игра.

Авторката Баркли вели дека преку митот ја истражува сопствената врска со мајка си и прашањето дали ќерките имаат право на безусловна љубов.

„Кога почнав да ја пишувам оваа драма, сакав да го истражам мојот однос сомајка ми – особено нејзиното слепило за тоа кој сум јас. Размислував за слепилото во грчките трагедии и се најдов на ‘Антигона’ од Софокле. Како долгогодишна феминистка, си помислив: Што ако Јокаста не се самоубие когадозна дека спиела со својот син? Што ако Јокаста беше на престолот?“, вели авторката Баркли.

Улогата на Јокаста ја толкува Бианка Ли, а новата ѕвезда Алесандра Лопез се појавува како Антигона. (Фото: М. Левицкаја)

Преиспитувањето на Јокаста како кралица дава уникатен пресврт: женската природа на Јокаста треба да ја направи симпатична кон Антигона, но конфликтот мајка-ќерка ја разоткрива слепата точка на Кралицата – Антигона и сè што таа претставува – природата, Земјата, семејството, внатрешните чувства и љубовта.

„Јокаста владее како маж, заведена од моќта што мажите отсекогаш ја уживале. Антигона не само што се бунтува против авторитарниот закон на нејзината мајка, туку и се спротивставува на еден очигледно патријархален закон. И нема битка што се води толку жестоко како онаа помеѓу ќерка и нејзината мајка“, вели Баркли.

Претставата ја разоткрива улогата на патријархалните наративи во конфликтот меѓу мајката и ќерката и нуди изненадувачки пресврт. Затегнатиот однос мајка-ќерка во драмата на Баркли открива нови мотивации за спротивставувањето на Антигона на законот на Јокаста и разоткрива како патријархалното владеење ја поттикнува нивната борба. Како што конфликтите ескалираат во хорот, егата се уништуваат и се создава хаос со изненадувачка разврска во оваа нова драма напишана за мајки, ќерки и за секој што некогаш имал таква.

Моќната оригинална музика, кореографија, сценографија, костими и звук, ѝ даваат на поставката силен мултидисциплинарен печат.

Претставата е дел од програмата на „Ла МаМа“ за Месецот на женската историја,со акцент на солидарност и нови уметнички гласови.