Етнолошко-документарниот филм „Хембој“, во продукција на Музејот на Македонија, чиј автор е етнологот Елизабета Конеска, ја освои Гран при наградата од публиката за најдобар документарен филм на TEФ Фест Крк 2025, меѓународниот фестивал за туристички и етно филмови, кој се одржува на островот Крк во Хрватска. Филмот победи меѓу 72 селектирани филмови од вкупно 127 пријавени од целиот свет.
Наградата во име на Конеска ја прими директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска- Илиевска.
„Хембој“ е филм за единствениот бојаџиски занает во Старата скопска чаршија. Три генерации од семејството Незири дуќанот го водат речиси 50 години, а го презеле од семејството Бојаџиеви. Филмот е сведоштво за наследството на занаетите и традициите како и на секојдневните активности во мултиетничката средина во чаршијата во Скопје.
Филмот премиерно беше прикажан во Скопје, на фестивалот МакеДокс, потоа на ЕТНОФФ (Меѓународен фестивал на етнографски филм) како и на ДЕФ (Денови на етнографски филм) во Љубљана и на Меѓународниот фестивал на етнолошко документарен филм КРАТФЕСТ во Кратово.
TEФ Фест и оваа година се одржа по повод Светскиот ден на туризмот, 27 септември.