Ф’стаците се една од омилените закуски во светот, се јадат самостојно или се додаваат во јадења како салати и десерти. Сепак, нивната висока цена остава многумина да се прашуваат зошто чинат толку многу. Причините одат подалеку од понудата и побарувачката: бербата на ф’стаци е ризична, а транспортот до продавниците е комплициран.
Првото спомнување на ф’стаците е пред 7.000 години, во историски записи кои укажуваат дека првенствено се одгледувале во Иран и Турција. Во 1930-тите ф’стаците добиле огромна популарност во САД, што довело до големо одгледување во Калифорнија. Денес, таа е еден од најголемите производители на ф’стаци во светот.
Една од клучните причини за високата цена на ф’стаците е долгиот период на чекање пред дрвјата да почнат да даваат плод. На ф’стаците им требаат приближно 10 до 12 години по садењето за да ја дадат првата берба. Дополнително, за разлика од многу други растенија што раѓаат јаткасти плодови на годишно ниво, ф’стаците даваат плод само еднаш на секои две до три години.
Целосно израснат ф’стак дава само 12 до 20 килограми плод по берба, што е релативно малку во споредба со другите јаткасти плодови.
Друг фактор што придонесува за високата цена е краткиот рок на траење на ф’стаците. Додека другите јаткасти плодови, како ореви, можат да се чуваат на неодредено време во соодветни услови, ф’стаци траат само околу една година пред да почнат да се сушат, да станат кафеави и да го изгубат вкусот. Затоа ф’стаци често се посолуваат за да се зачуваат подолго време.
За разлика од бадеми или индиски ореви, ф’стаци не можат да се берат со машини. Секој плод мора да се бере рачно, што го прави процесот макотрпен и бавен.
Ф’стаци не можат да се собираат преку ден. Кога сончевата светлина паѓа врз лисјата на дрвото, се ослободуваат токсични есенцијални масла. Вдишувањето на овие масла може да предизвика гадење, вртоглавица, па дури и проблеми со дишењето кај работниците. За да се избегне ова, ф’стаци се берат само ноќе, што го прави процесот уште покомплициран и поскап.
За нив се врзуваат и некои од најстрогите правила за складирање во прехранбената индустрија. Мора да се чуваат на проветрени места и забрането е да се чуваат во близина на запаливи материјали, како ткаенина или хартија. Ако се складираат неправилно, тие можат да развијат токсична мувла и затоа никогаш не треба да се јадат ф’стаци кои имаат темни дамки.