Научниците пронашле докази дека пеперутките од видот лажен адмирал патуваат околу 4.200 километри преку Атлантскиот Океан без да запрат.
Со ова откритие се става крај на една деценија долга мистерија, која почна кога ентомологот Херард Талавера пронашол десетина вакви пеперутки на плажа во Француска Гвајана во октомври 2013. Инсектите, кои вообичаено ги нема во Јужна Америка, имале дупчиња и гребаници на крилјата.
„Изгледаа исцрпено. Веќе не можеа ни да летаат, туку потскокнуваа. Единственото објаснување ми беше дека поминале многу долга дистанца“, изјави Талавера, кој сега беше главен водач на истражувањето.
Но, поминување цел океан досега беше неслушнато за пеперутки.
Истражување од октомври 2016, во кое учествувал и Талавера, откри дека лажни адмирали од Европа мигрираат до Потсахарска Африка, поминувајќи околу 4.000 километри преку Средоземно Море и Сахара.
„Сепак, пеперутките притоа остануваат главно над копно, каде што можат да застанат, одморат, јадат, соберат енергија и да продолжат“, кажа Талавера.
Според истражувањето, на пеперутките им требаат пет до осум дена да го поминат океанот.
„Врз основа на анализите на енергетските залихи, беше заклучено дека пеперутките можат да летаат максимум 780 километри без застанување, но поволниот ветер е она што им овозможило да го завршат долгото патување. Ова е рекорд за инсект да изведе толку долг лет без можности да запре“, кажа Талавера.