ПЕСНАТА „СВОЈА“ ВЕДНАШ МИ ВЛЕЗЕ ПОД КОЖА, ВЕЛИ ТИНА РУСЕВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Своја“ е новата песна на младата поп-пејачка Тина Русева која победи на музичкиот натпревар „Гласот на Европа“, а имаше одлично претставување во „Гласот на Германија“. Русева е струмичанка која живее во Германија. На 26 февруари, таа настапи на „Златна Бубамара на популарноста“ и ја доби наградата за најперспективна пејачка.

„Музиката и текстот се на Никола Будјак, а аранжманот е на Иван Кукиќ. Миксот и мастерингот се правени во Белград, кај Борис Шурлан. Едноставно за некои песни чувствуваш дека тоа е тоа. Ја слушаш и веднаш ти влегува под кожа. Тоа ми се случи токму со оваа песна. Никола ми ја прати во моментот кога бев на натпреварот на ‘Гласот на Германија’ и ми беше најважно од сѐ да останам своја без разлика на околностите. Така почна и самата соработка. Премногу спонтано а многу професионално и ‘кул’. Благодарност до сите луѓе кои беа дел од овој проект“, ни рече Тина Русева.

Таа девет години живее во Леверкузен, и претходно за „Гласот на Германија“ рече дека отсекогаш бил повеќе од натпревар за неа.

„Се пријавив да кажам еве сум, постојам, јас сум Тина Русева. Едноставно, натпреварот го гледам, пред сѐ, како лична промоција. Место каде што може да си забележан од луѓе од целиот свет“, ни рече младата пејачка.

Во јануари, таа победи на шоуто за музички таленти „Гласот на Европа“, кое се одвиваше онлајн во изминативе месеци.

„Пресреќна сум и многу возбудена. Следни планови ми се снимање авторска музика, на која веќе се работи“, ни рече младата пејачка по победата.

М. ЏАРОВСКА 

 

Фото: К.Попов