Словенечката професорка Намита Субиото го прими Почесното Рациново признание на 62. Рацинови средби во Велес за ширење на македонските литература и култура во странство. Таа е вонредна професорка по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Љубљана, а од 2004 ја води оваа катедра на Одделот за славистика.
„Почестена сум што мојата работа беше препозната како достојна за толку реномирано признание. Таа го носи името на главниот виновник за љубовта кон македонскиот збор, Рацин. Признанието ќе најде посебно место и поради самото значење на Рацин и ова го чувствувам како една од најзначајните награди за мене“, рече Субиото.
Таа студирала јужнословенски јазици, кога имала многу добар професор по македонски јазик, Драги Стефанија. Тој ѝ ја открил поезијата на Рацин и така почнала нејзината љубов кон македонскиот збор. Субиото е истакната македонистка која три децении ги афирмира македонските јазик, култура и литература на Универзитетот во Љубљана, кој е расадник на македонистиката. Значајна е нејзината работа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
„Ние сме најстарата македонистика надвор од Македонија, со 63 години постоење. Цело време постои интерес за изучување на македонските јазик, литература и култура. Имаме добри студенти и преведувачи“, додаде Субиото.
П. ПЕЧКОВ