„Т’ГА ЗА ЈУГ“ ПОСТАВЕНА НА ВЕБ-СТРАНАТА НА СВП СО 74 ПРЕПЕВИ НА 43 ЈАЗИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во пресрет на 60. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП), на нивната веб-страница е поставена дигиталната верзија на „Полиглота”, заедничко издание на СВП и НИП „Нова Македонија“, редакција „Детска радост“ од 1994 година.

Како што истакнува приредувачот на ова издание, поетот и академик Гане Тодоровски „…Во таа чест, му ја претставуваме на читателот оваа мала книшка со песната Т’га за југ препреана на повеќе јазици како полногласен показ за проникнувањето на литературите ширум светот, како потврда дека големата мисија на литературата е да ги зближи народите од сите континенти и да ја афирмира големата идеја за создавање на иден свет без граници..“ и понатаму во предговорот „..Во оваа едиција претставуваме 74 адаптации на 43 јазици (преводи, препеви, парафрази,имитации, транскрипции и сплантации) на ‘Т’га за југ’ од пријателите на македонската поезија, од учесниците на СВП и од почитувачите на уметноста на зборот од сите меридијани на светот, надевајќи се дека ќе продолжи животот на песнава која претставува вистинска драгоценост во културната ризница на еден мал народ, кој веќе со милениуми грчевито се бори за да опстои“

Освен дигиталната верзија на изданието, покрај оригиналот на македонски јазик, издвоени се и препевите на англиски, албански и француски јазик. Исто така, покрај кратката биографска белешка за Константин Миладинов (чиј автор е струшкиот историчар Петар Аврамоски), поставени се и толкувањата на ‘Т’га за југ’ (пократкото, од Гане Тодоровски и поопсежното толкување од Блаже Конески).

.