Младите од осум земји-учесници на 13. филмски фестивал „Џифони Македонија“ имаа викенд исполнет со проекции на филмови, ги започнаа своите работилници и дискутираа за филмовите што ги гледаа. Програмата се реализира во Кинотеката, каде што работат јуниорите, односно основците од шесто до деветто одделение, додека во Младинскиот културен центар се средношколците, кадети и сениори.
Денеска (29 септември) на програмата е средба со активистката Теодора Милевска.
Учесниците се сретнаа со млади режисери кои веќе ги прават своите први филмови. Кадетите и сениорите се сретнаа со Беса Туша, млада режисерка од Скопје, која студирала во Турција.
„Ми се погоди да добијам стипендија за студирање во Турција и тоа ми го трасираше патот. Сакам да ја одржувам врската со Македонија и затоа приказните ги наоѓам и овде. Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти“, рече Туша.
Бојан Василев го прикажа филмот „За Ева“, кој ја отвора темата за несакана бременост кај младите.
Во рамките на „Креативни разговори“ беа промовирани неколкумина режисери од програмата „Докуникулци“, која неколку години се реализира во рамките на фестивалот на креативни документарци „Македокс“.