Премногу сте зафатени за да одите во теретана? Не грижете се, можете да останете здрави и ако вклучите најмалку 15 минути брзо одење во вашата секојдневна рутина, сугерира ново истражување.
„Општо земено, се препорачува луѓето да имаат 150 минути умерена активност неделно за да видат доволно здравствени придобивки. Но, ако не можете да си дозволите 150 минути, и брзо одење од минимум 15 минути секој ден може да има исти здравствени придобивки“, рече д-р Веи Женг од Универзитетскиот медицински центар „Вандербилт“ во Нешвил, кој учествувал во истражувањето, кое опфати 85.000 луѓе за период од над 20 години.
Тој додаде дека и досега се знаело дека брзо одење е подобро од бавно одење, но немало доволно истражувања да се утврди колку време во просек треба да се помине во брзо одење.
Одењето има бројни здравствени придобивки, како регулирање на телесната тежина и внесот на шеќер, намалување на ризикот од рак, ублажување на болките во зглобовите и зајакнување на имунолошката функција.
„Здравствените експерти знаат дека кога луѓето редовно вежбаат, крвните садови можат да се опуштат и да се шират малку подобро. Исто така, знаеме дека вежбањето го намалува холестеролот и генерално го намалува ризикот од рак и работи што инаку би им наштетиле на луѓето“, рече Женг.
Според неодамнешните истражувања, секојдневното одење може да го намали и ризикот од деменција или когнитивен пад кај луѓето кои имаат предизпозиции за развој на Алцхајмерова болест.
Можете да кажете дека одите брзо кога сте во можност да зборувате, но не и да пеете, според Националната здравствена служба на Велика Британија.