ДАЈАНА КИТОН БЕШЕ ОРИГИНАЛНА И НЕ САКАШЕ ПОФАЛБИ, РЕКОА НЕЈЗИНИТЕ КОЛЕШКИ ГОЛДИ ХОУН И БЕТ МИДЛЕР

САД, (Би-Би-Си)

Голди Хоун, Стив Мартин и Бен Стилер ѝ оддадоа почит на актерката и оскаровка Дајана Китон, која почина на 11 октомври на 79 години. Родена во Лос Анџелес, Китон се прослави во 1970-тите со улогата на Кеј Адамс-Корлеоне во филмовите „Кум“, а за „Ени Хол“ доби Оскар и Златен глобус за најдобра актерка во 1978.

Колешката од „Клубот на првите сопруги“, Голди Хоун, рече дека Китон оставила трага од самовилска прашина, исполнета со честички светлина и спомени.

„Како да се збогуваме? Кои зборови можат да ти дојдат на ум кога срцето ти е скршено? Никогаш не сакаше пофалби, толку беше скромна, но сега не можеш да ми кажеш ‘молчи, душо’. Немаше и нема да има никој како тебе“, објави Хоун на Инстаграм.

Оддавајќи ѝ почит на Китон, нејзината друга колешка од „Клубот на првите сопруги“ Бет Мидлер напиша на Инстаграм:

„Брилијантната, прекрасна, извонредна Дајан Китон почина. Не можам да ви опишам колку ме прави ова неподносливо тажна. Таа беше урнебесна, оригинална и без фолирање или каква било надменост што би се очекувало од таква ѕвезда. Она што го гледавте беше тоа што беше таа“.

Стив Мартин, кој глумеше со Китон во „Татко на невестата“ заедно со Мартин Шорт, објави дел од текст од списание каде што Шорт прашува: „Кој е посекси, јас или Стив Мартин?“. Китон одговори: „Мислам дека двајцата сте идиоти“,

„Не знам кој прв го објави ова, но го сумира нашиот прекрасен однос со Дајана“, кажа Мартин.

Актерот Бен Стилер напиша на Икс дека Китон беше една од најголемите филмски актерки на сите времиња, икона на стил, хумор и комедија.

Колешката од „Книжевниот клуб“, Џејн Фонда, на Инстаграм рече дека „Китон била искра на живот и светлина“.

Вуди Ален со Дајана Китон во „Ени Хол“ (Фото: Гети)

Китон беше номинирана за уште три оскари, сите во категоријата најдобра актерка. Во кариерата која траеше повеќе од пет децении сними десетици филмови. Китон го имаше своето филмско деби во романтичната комедија „Љубовници и други странци“ од 1970. Нејзиниот најнов филм беше комедијата „Летен камп“ од 2024.

И во филмските улоги и во личниот живот, Китон беше позната по својот уникатен стил, кој често вклучуваше машка облека и широка шапка. Никогаш не се омажи, но посвои две деца, ќерката Декстер и синот Дјук.

Во својата автобиографија насловена „Па сепак“, Китон напиша:

„Го проценив мојот коефициент на среќа и ова е резултатот. Јас сум целосно задоволна секогаш кога оние кои ги сакам се среќни за нешто мало, големо, незначително, што и да е“.

Фото: Голди Хоун, Дајана Китон и Бет Мидлер глумеа заедно во комедијата „Клубот на првите жени“